Искра Бадева

Превод од дански јазик: „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело" — Бјорн Расмусен
Превод од норвешки јазик: „Книга на жалоста (Приказната за Нилс во шумата)" — Марија Наваро Скарангер

Искра Бадева е родена во 1980 година во Скопје. Додипломски студии по скандинавистика завршува на Софискиот универзитет во Бугарија, во 2007 година. Извесен период работи како уредник и преведувач во издавачката куќа „Табернакул". Преведува од норвешки, англиски, шведски и од дански јазик и досега има изработено педесетина преводи. За својата преведувачка работа, ја добива наградата „Златно перо" за 2011 година, што ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија.

Ермис Лафазановски

Превод од романски јазик: „Градина од стакло" — Татјана Цибуљак

Ермис Лафазановски е современ македонски раскажувач, романописец, теоретичар на литературата и преведувач. Роден е во 1961 година во Клуж, Романија. Тој е доктор на филолошки науки и работи во Институтот за фолклор „Марко Цепенков" во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година, а во 2014 година е избран за претседател на македонскиот ПЕН-центар. Лафазановски има значаен придонес во современата македонска проза. Поради иновативниот пристап во раскажувањето, тој е добитник на неколку книжевни признанија, како што се: наградата „Стале Попов" и наградата „Прозни мајстори".

Дејан Василевски

Превод од хрватски јазик: „Почитувани бубачки и други морничави приказни" — Маша Колановиќ

Дејан Василевски е роден во 1975 година во Скопје. По вокација е лиценциран лектор по македонски јазик, но се занимава и со книжевен превод и со пишување. Високо образование завршува на катедрата по македонски јазик и литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески" во Скопје и на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, каде што се здобива со титулата магистер по комуникации. Неговото преведувачко портфолио брои десетина преводи од српски и од хрватски јазик. Како писател кој твори под псевдонимот Гето Руди ја добива наградата „Новите" за збирката раскази „Можеше да биде и реми" (2017).

Ксенија Чочкова

Превод од германски јазик: „Приказна за духовите" — Лаура Фројденталер

Ксенија Чочкова е родена во 1979 година во Скопје. Студира германски јазик и книжевност, а подоцна и европски интеркултурни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј". Чочкова е еден од основачите на Културниот центар ЦК и на невладината организација ЦДА Т-хаус во Скопје. Таа е менаџер во културата и куратор на многу изложби, конференции, фестивали и работилници во Македонија и во странство. Денес работи како книжевен преведувач и културен менаџер во Германија и во Македонија. Досега има изработено 40 преводи за различни издавачки куќи. Исто така, преведува и поезија за меѓународната интернет-страница lirikline.org.

Весела Моловска

Превод од португалски јазик: „Лекција за месечарот" — Фредерико Педреира

Весела Моловска е родена во 1981 година во Скопје. Високо образование завршува во Скопје, Мадрид и Лисабон, каде што се здобива со титулите магистер по менаџмент во културата и доктор на театарски студии. Работи како менаџер во културата и како слободен преведувач од шпански и од португалски јазик. Има изработено повеќе книжевни преводи на македонски јазик, за неколку издавачки куќи. Живее и работи на релација Скопје-Португалија.