Во време кога портите на светот се ширум затворени, издавачката куќа „Арс Ламина" ја создава својата книжевна едиција „Порта Европа", преку која пречекува и вдомува во огништето на македонскиот јазик, шест извонредни книжевни дела од европски автори, кои зачекоруваат во македонскиот книжевен контекст со својот најпретставителен патен документ — Европската награда за книжевност што ја доделува Европската унија.

Сите шест прозни дела во себе носат приказна од сопствениот културен контекст, а истовремено меѓусебно се допираат во интроспективните аспекти и отсликувањето на внатрешните борби на носечките ликови. Некои се обидуваат да ја прифатат и да ја оправдаат својата различност и посебност, прикажувајќи ја во прво лице и ударно мачнината на себеприфаќањето. Други, пак, на себе својствен начин се соочуваат со личната загуба и со отсуството. Трети се обидуваат да излезат од сопствениот кафез на паранојата од изневерувања, четврти растат со растењето на нивните проблеми итн.

Приказните од оваа едиција се проткаени со нишка од опачината на најубавите плетки — додека од лицето на текстот читаме и уживаме во стилскиот раскош, истовремено се заплеткуваме во испуштените конци на совршената книжевна плетка. И тоа ги прави овие прози достојни за големото книжевно признание.

Објавувањето на оваа едиција, исто така е засновано на еколошка заднина и во насока на ублажување на економските ефекти од рестрикциите предизвикани од пандемијата на Ковид-19 врз издавачкиот сектор, преку соработка со чинители од синџирот на книгоиздателството на домашниот пазар.

Ко-финансирано од Европската Унија
Едицијата

Шест книги, шест земји

Данска

„Кожата е еластична обвивка што го обвива целото тело"
Бјорн Расмусен · превод: Искра Бадева

Молдавија / Романија

„Градината од стакло"
Татјана Цибуљак · превод: Ермис Лафазановски

Австрија

„Приказна за духовите"
Лаура Фројденталер · превод: Ксенија Чочкова

Хрватска

„Почитувани бубачки и други морничави приказни"
Маша Колановиќ · превод: Дејан Василевски

Португалија

„Лекција за месечарот"
Фредерико Педреира · превод: Весела Моловска

Норвешка

„Книга на жалоста (Приказната за Нилс во шумата)"
Марија Наваро Скарангер · превод: Искра Бадева